Во сабота, 8 април
2006, со почеток од 20:00 ч. во
галеријата на Младински Културен
Центар, НМП колективот ја отвaрa
роденденската изложба, „Почеток
на колективната халуцинација.“ На
изложбата се опфатени монтажи, фотографии,
скулптури, и стикери на 19 автори
претходно објавени на веб страната
www.nmp.com.mk
или директно поврзани со потрагата
по Мудрите Јарци. Изложбата претставува
комбинирана прослава на армијата
маалски занесеници, циркусот Допелгангер
и виртуелно Скопје, а истата ги
поврзува macedonia.deviantart.com
и mk.wikipedia.org.
Изложбата е составена
од над 100 индивидуални и групни
дела, создадени во периодот 2000-2006.
Покрај членовите на колективот во
крв и месо, на изложбата се очекува
присуството на редица повеќе и помалку
познати пријатели од интернет сферата
и блиски организации како Плагиј.ат
(www.plagij.at),
Слободен Софтвер (www.slobodensoftver.org.mk),
Погон (www.pogon.org.mk)
и др. Изложбата трае до сабота,
15 април 2006.
НМП е дизајнерско-философско-идеолошки
колектив од Скопје и околината (Битола,
Атина, Брисел...). Колективот е
оригинално замислен во 2002, но
конкретна форма постигнува на 8
април 2005 кога колективот ја објавува
првата верзија на веб страницата
www.nmp.com.mk.
НМП се фокусира на дигиталните уметности
(фотоманипулација и вектор), фотографија
и скулптура, но поддржува и не-визуелни
уметности како поезија и музика.
За повеќе детали, НМП може да
се контактира на [email protected]. |